Граѓаните кои сакаат да го фатат првиот воз за аплицирање за субвенционираните станбени кредити треба уште отсега да потрчаат, за да ги соберат потребните документи. Осумте деловни банки што ќе ги доделуваат кредитите од владиниот проект "Купи куќа, купи стан", барањата од заинтересираните клиенти ќе почнат да ги примаат од среда, 25 јануари, а заедно со нив ќе бараат уште пет документи. Според Правилникот за формата и содржината на барањето за субвенциониран станбен кредит, што го издаде Министерството за финансии, заедно со барањето за субвенциониран кредит апликантите од фирмата во која работат треба да обезбедат потврда за остварената месечна плата и дополнителни приходи во последните шест месеци на барателот и неговиот брачен другар, а сопружниците треба да извадат и потврда за остварен месечен приход по други основи во последните шест месеци.
Граѓаните кои сакаат да го фатат првиот воз за аплицирање за субвенционираните станбени кредити треба уште отсега да потрчаат, за да ги соберат потребните документи.
Осумте деловни банки што ќе ги доделуваат кредитите од владиниот проект "Купи куќа, купи стан", барањата од заинтересираните клиенти ќе почнат да ги примаат од среда, 25 јануари, а заедно со нив ќе бараат уште пет документи.
Според Правилникот за формата и содржината на барањето за субвенциониран станбен кредит, што го издаде Министерството за финансии, заедно со барањето за субвенциониран кредит апликантите од фирмата во која работат треба да обезбедат потврда за остварената месечна плата и дополнителни приходи во последните шест месеци на барателот и неговиот брачен другар, а сопружниците треба да извадат и потврда за остварен месечен приход по други основи во последните шест месеци.
Кај нотар и двајцата треба да заверат изјави дадени под полна материјална и кривична одговорност со кои ќе докажат дека не користат друг станбен кредит на денот на поднесување на барањето и изјави со кои ќе се обврзат дека станот или куќата што ќе ја купат нема да ги издаваат под закуп, а во првите пет години по почетокот на отплата на ратите, нема дополнително да ја оптоварат со хипотека, ниту пак, да ја отуѓат.
Ако кредитот се бара за да се купи поголем стан или куќа и притоа се продава недвижноста што се има, и двајцата брачни другари треба да приложат и преддоговор или договор за продажба за станот, односно куќата. И овој документ треба да се завери на нотар, и со тоа треба да се докаже дека планираната купопродажба ќе се изврши најдоцна во рок од една година од денот на склучување на договорот за субвенциониран станбен кредит.
На веб страницата на Министерството за финансии се објавени и унифицираните обрасци, едниот за барање кредит и другиот за потврда за исполнетост на условите за субвенционирање станбен кредит. Но, оние кои мислат дека само со пополнување на графите во тие обрасци и со обезбедување на потребните документи ќе го добијат кредитот, за кој државата плаќа половина од месечните рати во првите пет години или половина од учеството, можат веднаш да се откажат доколку немаат пари за старт. Овие кредити не се наменети за социјално загрозените, туку за граѓани кои имаат, но им недостасуваат пари за отплата на ратите, па поради тоа досега не можеле да добијат редовен банкарски кредит. Исто така, банките овие кредити нема да ги даваат на "жими мајка", туку како и за другите, во зависност од локацијата, ќе бараат и обезбедување со хипотека на новокупената или новоизградената недвижнина во висина од 130 до 200 отсто од вредноста на кредитот.
Во банките велат дека граѓаните се заинтересирани и често се распрашуваат за овие кредити за кои аплицирањето ќе трае до 3 март, но колку се вклопиле во условите утврдени со проектот, ќе се види на крајот на март за кога се најавени првите одобрувања на кредити. За реализација на овој проект во годинешниот буџет на државата се резервирани четири милиони евра.